Вопрвиот круг од локалните избори, коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ освои вкупно 33 градоначалници и уште во 26 општини е или прва или за малку втора и се бори за градоначалнички мандат. Вкупно во 53 општини или имаме градоначалник во прв круг или сме први, истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на мини-митингот во Конче.

-Како ВМРО-ДПМНЕ и коалиција ќе се бориме за секој еден човек и никого нема да оставиме. Нашата амбиција е на овие избори да имаме 59 градоначалнички места. Истовремено во 58 општини, што за прв пат се случува во независна Македонија, во советите коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ или е победник или има мнозинство во советот. Ако направиме споредба со минатите локални избори, тоа се 86 советници повеќе од резултатот во 2021-ва година. И на ова треба да се додаде состојбата во Град Скопје, каде идниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски има три пати поголема предност пред второпласираниот, рече Мицкоски.

Очекува над 125.000 гласови во вториот круг да освои Ѓорѓиевски.

Порача дека на овие избори апсолутен победник е ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде дека на овие избори има три опции. Првата е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, втората е опцијата за оние кои 7 години ја ограбуваа и уништуваа државата и третата опција која според Мицкоски е најлоша да останат гласачите дома или да го направат ливчето неважечко и затоа ги повика граѓаните да излезат и да одлучат за нивната иднина.

-Вие сте тие на кои ви должиме се, ВМРО-ДПМНЕ е народна партија, доаѓа од народот и затоа поддршката од народот нас ни е најважна кога велам најважна за да ги совладаме предизвиците дома за да победиме и во Конче за да имаме повисока цена на тутунот за да имаме повисока цена на пиперките за да имаме подобар живот, услови но истовремено вашата доверба ја прават нашата позиција многу посилна надвор. Затоа што не е доволно само да победувате дома ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија, организација, и ја има честа да ги штити националните интереси на македонскиот народ. Затоа ни е потребна таа поддршка за да можеме да победуваме како што победуваме во Лондон во Рим, Брисел и насекаде во светот, без тоа се плашам дека ќе се вратиме во времето од пред 2 години кога беше друга влада која имаше две цели како да се наплати во политиката на грбот на народот, која брутално ги ограбуваше македонските граѓани и влада која не бираше средства како да го распродава националниот интерес и како да ја распродава Македонија, тоа беа 7 години, затоа ни е потребна вашата поддршка за да не се случува тоа што се случуваше. Затоа да излеземе и на 2 ноември да гласаме за број 9, кажа Мицкоски.