Словенија се соочува со неизвесност околу формирањето нова влада по изборите, додека политичките лидери разменуваат остри пораки и оставаат отворени повеќе сценарија.

Почеток на консултациите без јасно мнозинство

Претседателката Наташа Пирц-Мусар ги започна консултациите за формирање влада, но без јасна насока за составување на парламентарно мнозинство. Иако десницата располага со повеќе пратеници, изборниот победник е либералното движење Слобода предводено од Роберт Голоб.

Од редовите на Слобода порачаа дека немаат доволно 46 гласа за мнозинство, но дека нема да прибегнат кон „уцени, корупција или поткуп“ за да го обезбедат.

Голоб со остри обвинувања кон десницата

Премиерот Голоб беше значително покритичен, оценувајќи дека евентуалната десничарска влада би била „коалиција на измамници“ и најави дека неговата партија е подготвена за опозиција.

„Убедени сме дека оваа коалиција на измамници нема да има долг живот“, изјави Голоб, додавајќи дека ќе се залагаат за почитување на владеењето на правото и за држава која се грижи за сите граѓани, особено за најранливите.

Јанша: Сите опции се на маса

Лидерот на СДС, Јанез Јанша, по средбата со Пирц-Мусар изјави дека во моментов не формира влада, но дека се отворени сите можности – опозиција, нова влада или нови избори.

„Сите три опции се добри за нас, но прашање е кои се добри за Словенија“, рече Јанша, додавајќи дека не учествуваат во „броење гласови“, туку тоа е оставено на медиумите.

Во меѓувреме, од Демократите порачаа дека разговорите за коалиција продолжуваат со сите политички субјекти кои се подготвени да соработуваат на програмска основа, без да се потврди дали дијалогот со Слобода ќе биде обновен.