За потребите на граѓаните на Гостивар денеска се ангажирани три цистерни со питка и техничка вода, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Едната цистерна е на Територијалната противпожарна единица од Гостивар, втората е на „Бехтел и Енка“, а третата е од Боговиње.
Цистерните досега по двапати биле упатени кон граѓаните, а до вечерва се планирани уште по два турнуса за дотур на вода. Дистрибуцијата се врши во координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар. Ангелов соопшти дека водата од водоводот сè уште не е безбедна за пиење, бидејќи во дел од примероците земени од Институтот за јавно здравје сè уште има бактерии.
Водата засега е дозволена само за техничка употреба, додека процесот на хиперхлорирање продолжува. Ангелов очекува водата наскоро да биде прогласена за исправна.
