Во тешка воздухопловна несреќа во сојузната американска држава Орегон загинаа три лица откако два хеликоптера се судрија во воздух. Инцидентот се случил во близина на локален аеродром, а надлежните служби веднаш излегоа на терен.

Во несреќата животот го загубија пилотот Тајлер Стардевант (38), неговата инструкторка по летање Меди Асбо (22) и неименуван британски студент кој бил на обука за пилоти. Асбо и студентот се наоѓале во едниот хеликоптер, додека Стардевант управувал со другото летало.

Едниот од хеликоптерите бил во сопственост на школата за летање „Џери Тримбл Хеликоптерс“. Раководството на училиштето соопшти дека целосно соработува со истражните органи со цел точно да се утврдат причините за трагичниот судир.

 

Според податоците од Федералната администрација за воздухопловство (FAA), во воздушниот простор се судриле хеликоптер од типот „Робинсон Р22“ и хеликоптер „Ербас Х125“. Истрагата за целиот случај ја водат заеднички FAA и Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB).

Поради несреќата и падот на остатоците од леталата, за сообраќај беше затворен дел од државниот автопат 233, како и локалните патишта што се наоѓаат во непосредна близина. Локалните власти упатија апел до граѓаните целосно да ја избегнуваат оваа област сè додека не заврши увидот и не биде воспоставен нормален сообраќаен тек.