Градот Ел Сегундо соопшти дека рафинеријата спровела безбедносно палење на вишокот гас, што претставува стандардна процедура за време на прекини во производството, вклучително и при земјотреси.

Во инцидентот нема пријавено повредени лица, ниту пак се забележани поголеми материјални штети.

Големите пламени и густиот црн чад што се појавија во близина на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес предизвикаа загриженост кај околните жители и кај патниците.

Огнените пламени се појавија само неколку секунди по земјотресот, кој беше регистриран околу 9:30 часот по локално време.

Според информациите од нафтената компанија „Шеврон“, опремата во рафинеријата автоматски се исклучува за време на прекини во производството, вклучително и при земјотреси, а вишокот гас безбедносно се насочува кон контролираните системи за согорување.

Рафинеријата во Ел Сегундо снабдува околу 20 проценти од пазарот на автомобилско гориво во Јужна Калифорнија и околу 40 проценти од целокупното гориво за авиони во овој регион.

Снимките и фотографиите што беа споделени на социјалните мрежи покажаа огромни пламени јазици и густ столб од црн чад, кој беше јасно видлив од околните населби и од пистите на аеродромот.

Земјотресот со јачина од 5,0 степени според Рихтеровата скала го погоди Тихиот Океан на околу четири милји југозападно од Менхетен Бич, на длабочина од околу седум милји, потврди Американскиот геолошки завод.

Повеќе од 13.000 граѓани пријавиле дека го почувствувале потресот, а најмалку 19 последователни земјотреси биле регистрирани во следните 45 минути, вклучувајќи и еден со јачина од 3,7 степени.

„Нема извештаи за поголеми штети на објектите, но граѓаните треба да бидат внимателни поради можни нови последователни потреси“, изјави Бас.

Службениците на Менхетен Бич истовремено потврдија дека по силниот подводен потрес нема опасност од појава на цунами.