Во Женева се одржуваат дводневни трилатерални разговори за решавање на војната во Украина, на кои се отвораат клучни прашања, меѓу нив и територијалните. Засега нема најава за значаен напредок.

Вашингтон ја повика Украина побрзо да влезе во преговори. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД очекуваат поголема попустливост од Киев во продолжувањето на дипломатскиот процес.

„Во позиција сме каде што сакаме тие да дојдат на преговарачка маса“, рече Трамп.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека не се очекуваат информации за разговорите додека тие не завршат.

„Не мислам дека треба да очекуваме вести денеска, бидејќи разговорите ќе продолжат и утре“, рече Песков.

Руската делегација ја предводи помошникот на претседателот Владимир Медински, со заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галузин и други функционери. Американската страна ја претставуваат специјалниот претседателски пратеник Стив Виткоф и советникот Џаред Кушнер, додека украинската делегација ја сочинуваат високи државни претставници, меѓу кои и началникот на кабинетот Кирил Буданов.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски обвини дека Русија извршила масовен комбиниран напад врз украинската енергетска инфраструктура.

„Користени се речиси 400 дронови и 29 ракети од различни видови, вклучително и балистички“, рече Зеленски.

Разговорите во Женева се продолжение на претходните средби во Обединетите Арапски Емирати, каде што единствениот конкретен резултат беше договор за размена на заробеници. Покрај трилатералната средба, се очекува разговорите меѓу Москва и Вашингтон да ги допрат и економските односи меѓу двете земји.