„Денес сум на работна средба со земјоделците од Делчево, Берово и Пехчево, поразговаравме за пласманот и откупот на сливата од реколта 2024 година. Она што денеска го добив како информација е дека се очекува род од околу 2.500 тони од овие три општини, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Делчево.
Тој посочи дека за жал родот е со полош квалитет поради временските услови, и оваа слива што се очекува ќе биде претежно наменета за индустријата”, појасни министерот.
„Она што јас им го пренесов на земјоделците е дека како Министерство веќе сме во сериозни преговори за еден откупувач од соседна Србија, кој што ќе откупи голема количина на слива од овој регион”, порача Трипуновски.
„Она што ние како Министерство во името на Владата им ветивме на земјоделците дека нема да ги оставиме сами, нема да бидат препуштени сами на себе туку напротив како Влада ќе интервенираме со дополнителна мерка за да ја компензираме загубата која што би ја претрпеле”, изјави министерот.
Тој посочи дека ако откупната цена на сливата оваа година се движи од 9 до 10 денари, Министерството и Владата се подготвени за да се доплати разликата до 14 односно 15 денари, се со цел земјоделците да бидат задоволни.
„И оваа мерка која што веќе на некоја од наредните седници на Влада ќе ја поминеме како официјална мерка, ќе биде исплатена од Интервентниот фонд веднаш по завршувањето на бербата. Тоа значи дека земјоделците ќе ги добијат парите во рок од 30-тина дена од завршување на бербата, се со цел да го компензираат трошокот и да биде стимул за веќе наредната година”, истакна Трипуновски.
„Она што веќе го дефиниравме како заклучок од состанокот е дека како Министерство сериозно ќе работиме веќе за наредната година да овој дел на Република Македонија биде сериозно поддржан во делот на одгледување на оваа култура, затоа што овдека највеќе успева. Тоа значи дека Министерството ќе носи конкретни програми и мерки кои што ќе значат долгорочно решавање на проблемот со пласманот на сливата. А, од друга страна ќе значи и зголемен извоз во делот на преработки, не само на примарен земјоделски производ”, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека ќе се финансира и изградба на дестилерии, преработувачки капацитети се со цел долгорочно да се реши проблемот со сливата.