Задоцнета е мерката со замрзнувањето на цените на земјоделските производи и тоа може да му наштети на домашното производство. Сега се потребни интервентни мерки во земјоделскиот сектор, изјави Цветан Трипуновски, претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ на трибина во Прилеп.
-Мерката со замрзнувањето на цените на земјоделските производи сметаме дека требаше да биде донесена многу порано кога Македонија јадеше увозна храна, зеленчук и овошје. Сега, во ситуација кога стасува домашното производство, практично е нелогично да се замрзнуваат цените, зашто ова производство беше произведено по високи цени. Значи, владата требаше навремено да ги замрзне цените и на нафтените деривати, и на електричната енергија, и на ѓубривата и на препаратите за денеска да имаме рентабилно производство, изјави Трипуноски на трибината со земјоделците во Прилеп што ја организираше ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, со ова замрзнување само се уништува домашното производство кое е на стаклени нозе.
-Сега треба интервентно да се реагира во земјоделскиот сектор за да се помогнат земјоделците кои преживеаја тешка година со сите зголемувања на цените, посебно на репроматеријалите, изјави Трипуноски на трибината со земјоделците од Пелагонискиот регион.