Најголемиот енергетски капацитет во земјава РЕК Битола после речиси три години првпат работи со трите блока. Неодамна заврши монтажата на трансформаторот на третиот блок што го изработи турската компанија „Астор“, тој е приклучен на мрежа и произведува електрична енергија. Непречено работат и останатите термопостројки во земјава РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино и ЕСМ енергетика, како и останатите ветерни, хидро и фотоволтаични системи во државна сопственост со кои стопанисува АД ЕСМ.
Новиот трансформатор за Блок 3 што го изработи „Астор“ е најсовремен и има загуби од 4 до 5 отсто, за разлика од стариот каде загубите беа 11 отсто. Покрај тоа, работи на променлив напон со што има поголема заштита од евентуални надворешни влијанија поради кои дојде до пожар во стариот трансформатор во ноември 2021 година. Стариот трансформатор, пак, во моментов е на репарација во специјализирана фабрика во Белград и деновиве треба да биде готов и транспортиран во РЕК Битола. Со тоа комбинатот ќе стане единствен во регионот кој има резервен трансформатор.
-Трите блока на РЕК Битола работат со максимален капацитет, вклучен е и РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино работи со двата котли, работат когернеративните електрани на гас во Скопје – КОГЕЛ и Енергетика и сите агрегати на хидроелектрантие кои се во државна сопственост. Со сите капацитети на АД ЕСМ приклучени на мрежа дневното производство се доближува до 20.000 мегават часови електрична енергија. Тоа е приближно на производството кое беше во најдобрите времиња на РЕК Битола и на ЕСМ кога имаше повеќе капацитети за ископ на јаглен и поквалитетен јаглен и кога постројките беа понови, оцени генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Нагласи дека со ваквото дневно производство се задоволува потребниот конзум на ЕВН Хоум за регулираниот пазар, Електродистрибуција за покривање на загубите во дистрибутивниот систем, МЕПСО за покривање на загубите во преносниот систем, училиштата, болниците, јавните водоводни комунални претпријатија, прехранбената индустрија и сите витални институции во државата за чие снабдување има обврска ЕСМ во текот на енергетската криза. Во ноќните часови од 2:00 до 7:00 часот се јавуваат и одредени вишоци на електрична енергија за кои ЕСМ веќе објави јавен повик за продажба.
-Обезбедуваме доволна количина на електрична енергија по пониски цени од оние што се на пазарот. Покрај тоа, го зачувуваме сигурен и стабилен енергетскиот систем во државата. Во 2022 година за 26,5 проценти е зголемено нашето производство во споредба со 2021 година. Тој тренд ќе продолжи и годинава кога треба да произведеме за 20 отсто повеќе отколку во 2022 година. Тоа значи дека сите домаќинства, малите бизниси, бизнис секторот, училиштата, болниците и сите оние кои ги снабдуваме со електрична енергија треба да бидат спокојни дека ќе има електрична енергија, ќе нема рестрикции и нема да се зголемува цената на електричната енергија, рече завчера премиерот Димитар Ковачевски при посетата на комбинатот.
Појасни дека со задолжение на Влада АД ЕСМ има обврска во 2023 година 100 отсто да ги задоволи потребите на ЕВН Хоум за регулираниот пазар иако првично, согласно Законот за енергетика, за годинава беше предвидено да задоволи 55 проценти од потребите. Испорачува и 100 проценти од потребите на Електродистрибуција и на МЕПСО за загубите во дистрибутивниот и преносниот систем, ги снабдува училиштата, болниците, јавните комунални претпријатија и прехранбената индустрија.
-ЕСМ произведува 100 проценти и снабдува 100 проценти за се што има преземено обврска и воопшто не врши набавки во моментов. Набавката која ја врши бизнис секторот е дел од слободниот пазар на електрична енергија во кој ЕСМ не учествува. Нашите ноќни вишоци можат да ги купат трговците и компаниите на кои им се потребни, рече Ковачевски.
Нагласи дека заради зголемениот конзум во јануари и февруари ќе работат сите капацитети на ЕСМ вклучително и ТЕЦ Неготино заради тоа што во моментов цената на мазутот и производната цена на термоелектраната по мегават час е пониска од моменталната цена на електричната енергија на берзите.
ЕСМ, као што кажа, не работи со загуби.
-Доколку ЕСМ испорачува колку што е предвидено со Законот за енергетика, а останатата електрична енергија што ја произведува ја продава на берзите на годишно ниво за 2022 година ќе беше во добивка од 319 милиони евра, прецизира Ковачевски и додаде дека токму тие 319 милиони евра се поддршка од Владата кон граѓаните и малите потрошувачи.
Како што истакна, ЕСМ во моментов ги штеди хидроакумулациите, а хидроелектраните се користат само за давање системски и баланси услуги во енергетскиот систем.
-И годинава како и изминатите две години има лоша хидрологија за овој временски период. Токму затоа во 2022 година имаше значително намалување на производството на електрична енергија од хидропотенцијалите за сметка на зголеменото производство од термоелектраните. Очекуваме наскоро да почнат врнежи на снег и значително да се наполнат акумулациите, рече Ковачевски и додаде дека е најсериозна состојбата со Тиквешкото Езеро кое е на три метри над дозволениот минимум.
Во РЕК Битола се реализира над 60 проценти од домашното производство на електрична енергија. За 2023 година се планира над 70 отсто од домашното производство да се реализира во термоелектраните во државна сопственост.
Во 2022 година без Блок 3, РЕК Битола произведе 2.350 гигават часови, а за годинава се планира да произведе над 3.000 гигават часови. Во моментов во РЕК Битола на депо има над 300 илјади тони јаглен. Дневната потрошувачка на јаглен кога работат трите блока е околу 20.000 тони, но тоа го покрива производството на јаглен од сопствените рудници и дотурот на јаглен од странство што го има во моментов. Депонијата се чува во случај да има евентуални испади во делот на снабдување од рудниците или доколку има временски или елементарни непогоди. Дополнително се очекува да има зголемување на домашното производство на јаглен и тој да биде со подобар квалитет.