Засега нови мерки за намалување на инфлацијата Владата нема да објавува, а за понатаму, ќе се прави проценка. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека со субвенционираната струја која Владата, ја понуди на прехранбениот сектор цените на храната се намалиле од 5 до 12%.

„Мора да се внимава и на буџетот. Буџетот има своја приходна и своја расходна страна и ако постојано ја зголемуваме расходната страна, а ја намалуваме приходната страна, тогаш тоа ќе се одрази негативно врз други параметри на буџетот…“, рече Ковачевски.

Во меѓувреме, на неколку пати производителите на храна потенцираа дека скапата струја им е само една од причините за зголемување на цените на своите производи. Од прехранбениот сектор велат дека уште голем финансиски проблем им се царините за увозните суровини кои ги користат во производството.

Експертите посочуваат дека народните банки на државите мора и натаму да се борат за обезбедување на среднорочна стабилност. Од Централната банка на Македонија посочуваат дека и годинава ќе постојат сериозни ризици.

„Неопходно е инфлацијата да се врати на одржлив пат и со тоа да се зачува куповната моќ на населението и да се поддржат инвестициите преку намалување на неизвесноста“, наведуваат од Народната банка.

Главните забелешки на граѓаните се дека поевтината струја за фирмите не ги намали доволно цените на нивните производи. Последниот извештај на Заводот за статистика покажа дека во декември лани во однос на ноември, трошоците за живот на граѓаните се намалиле за само 0,2 отсто.