Договор меѓу институциите и индустријата – состојбата ќе се следи и понатаму

Цените на лебот и пецивата остануваат стабилни во најголем дел од државата, а претставниците на мелничко-пекарската индустрија се договорија да нема зголемување во наредниот период. Одлуката важи најмалку до крајот на април, додека состојбата ќе се следи и дополнително ќе се анализира.

Според заклучоците од состанокот во Министерството за економија, цените во моментов не се зголемени во 99 проценти од државата. На средбата присуствувале претставници на стопанските комори и нивните членки, заедно со заменик министерот и директорот на Државниот пазарен инспекторат.

Можно реагирање ако се влоши состојбата со енергенсите

Од Министерството и Владата најавуваат дека ќе продолжат заеднички да ја следат состојбата на пазарот, особено во делот на цените на нафтата и енергенсите. Во случај на евентуално влошување, ќе се бараат решенија за да се избегне притисок врз цените во оваа индустрија.

Воедно, од мелничко-пекарскиот сектор апелираат да не се создава паника во јавноста. Посочуваат дека шпекулациите околу цените можат да предизвикаат несигурност кај граѓаните, но и штета за компаниите.

Ставот е дека стабилноста на цените во моментов е резултат на координација меѓу институциите и индустријата, која треба да продолжи и во наредниот период.