Цените на угостителските услуги во декември 2025 година бележат годишен раст од 3,5 отсто, при што најмногу поскапеле храната и пијалаците, а поевтинале само ноќевањата, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во споредба со декември 2024 година, цените на храната во угостителството се зголемени за 7,8 отсто, алкохолните пијалаци поскапеле за 8,7 отсто, а безалкохолните за 5,3 отсто. Истовремено, ноќевањата се поевтини за 12,1 отсто.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во споредба со истиот период од 2024 година, вкупните цени во угостителството се зголемени за 4,8 отсто. Притоа, храната поскапела за 6 отсто, алкохолните пијалаци за 6,9 отсто, а безалкохолните за 5,9 отсто.
Кај ноќевањата, просечното ценовно ниво во текот на 2025 година е речиси непроменето во однос на 2024 година и бележи минимално намалување од 0,2 отсто.
Во однос на просечните цени во 2024 година, цените во декември 2025 година се повисоки за 6,1 отсто на вкупно ниво. Најголем раст е регистриран кај алкохолните пијалаци, со зголемување од 10,7 отсто, следуваат храната со 8,5 отсто и безалкохолните пијалаци со 7,7 отсто. Кај ноќевањата, цените се за 4,4 отсто пониски од просекот во 2024 година.
Како позитивен сигнал, според податоците на статистиката, се издвојува фактот што во декември нема месечни промени кај цените на угостителските услуги. Ценовното ниво останало непроменето во однос на ноември, како кај вкупниот индекс, така и кај сите поединечни групи услуги.
