Во Брисел денеска се одржа 24-та Меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Црна Гора, на која Подгорица времено ги затвори преговорите по пет поглавја од преговарачкиот процес за членство во Европската Унија. Преговарачкиот процес напредува значително во последниот период.
Како што соопшти Советот на ЕУ, станува збор за поглавјата 3 – Право на основање претпријатија и слобода на пружање услуги, 4 – Слободно движење на капитал, 6 – Трговско право, 11 – Земјоделство и рурален развој и 13 – Рибарство.
– ЕУ го поздравува напредокот на Црна Гора со денешното затворање на пет дополнителни поглавја. Ова значи дека вкупно 12 преговарачки поглавја се веќе затворени, што е значаен чекор напред на патот на земјата кон европска интеграција, порача данската министерка за европски прашања Мари Бјере.
Црногорската владина делегација на Конференцијата беше предводена од премиерот Милојко Спајиќ, додека делегацијата на ЕУ ја предводеа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Денешната конференција следи откако минатата недела на седницата на Работната група на Советот на ЕУ (КОЕЛА), Франција го блокираше затворањето на поглавјата 11 и 13. Преговарачкиот процес се соочуваше со предизвици, но како што соопшти викендов црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, по неговата „пријателска и конструктивна размена на мислења“ со францускиот колега Емануел Макрон, Франција решила да го повлече ветото.
Црна Гора ги има отворено сите 33 поглавја во преговорите. Целта е Подгорица во текот на 2026 година да затвори над 20 поглавја од преговарачкиот процес, со што би можела да ги заврши преговорите во 2027-та и да биде подготвена за членство во ЕУ до крајот на 2028 година.
Инаку, Црна Гора досега требаше да го затвори и Поглавјето 31 – Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, но тоа е одложено на барање на Хрватска.
Црна Гора доби статус на кандидат во декември 2010 година, а преговорите ги отвори во јуни 2012 година, започнувајќи го преговарачкиот процес со ЕУ.
