Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во текот на денешното попладне се очекува значително зголемување на опасноста од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор и шумски пожари.

Причина за тоа се многу високите вредности на индексот FWI (Fire Weather Index), кој ги покажува временските услови што влијаат врз ризикот од избувнување и ширење на пожари.

Од ЦУК апелираат до граѓаните да покажат максимална внимателност и да не палат оган на отворено, да не согоруваат отпад и да избегнуваат какви било активности што би можеле да предизвикаат пожар.

Надлежните служби ја следат состојбата на терен, а доколку се забележи пожар, граѓаните треба веднаш да го пријават на бројот за итни случаи.

Од Центарот потенцираат дека и најмалата невнимателност во вакви временски услови може да доведе до брзо ширење на пожар со сериозни последици.