Се чувствувам најискрено прифатен дома меѓу своите сограѓани
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вечерва беше во Драчево, каде се сретна со локалните жители и ги презентираше своите планови за развој на населбите. Тој истакна дека се чувствува најискрено прифатен меѓу своите сограѓани и дека со поддршката од нив ќе продолжи да реализира значајни проекти за Драчево и Кисела Вода.
„Каде и да одиш, никогаш не заборавај од каде си тргнал. Вечерва сум меѓу моите драчевчани, дома, таму каде што секогаш се чувствувам најкомотно и најискрено прифатен“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека средбата со граѓаните била искрена и пријателска.
„Со луѓето со кои сум израснал, ги споделивме нашиот план и визија за ново, современо и достоинствено Скопје. Разговаравме пријателски, си подадовме рака за поддршка и заедно тргнуваме по патот кон победата. Тука, ќе биде историска!“
Проекти кои ќе ја менуваат Кисела Вода и Драчево
Ѓорѓиевски нагласи дека неговата работа за населбите не завршува тука, туку продолжува со уште поголема сила.
„Со поддршка од Градот Скопје, конечно ќе го довршиме булеварот ‘Борис Трајковски’, ќе го решиме деценискиот проблем со Усјанскиот канал преку негова целосна реконструкција и покривање, ќе ги поврземе населбите со пробивање на улиците ‘Есенинова’, ‘Димо Хаџи Димов’ и ‘Народни Херои’, ќе изградиме нова катна гаража и ќе реализираме уште многу други значајни проекти“, рече тој.
„Ви благодарам што сте моја најсилна поддршка и мој сигурен столб. Сега одиме во нова битка, а љубовта кон Кисела Вода и Драчево засекогаш ќе остане во мене“, заклучи Ѓорѓиевски.