Министерот за правда Никола Тупанчески денеска се сретна со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во нашата земја, Кејт Брнз, со која разговараше за досегашната соработка меѓу двете држави во областа на правосудството, како и за можностите за унапредување и продлабочување на соработката.

Тупанчески, како што соопшти Министерството за правда, и се заблагодари на амбасадорката за досегашната поддршка и помош од страна на Соединетите Американски Држави за Северна Македонија, кога станува збор за подобрување на ефикасноста на судството.

– Фокусирани сме на одржување на реформското темпо, спроведувањето на Законодавната агенда и јанењето на капацитетите на правосудните институции. Независното судство е важен темел на секое демократско општество, а нашето партнерство и соработка со САД придонесува во исполнувањето на нашите приоритети за зајакнување на правосудниот систем, заштитата на човековите права, подобрувањето на борбата против корупцијата и подобар пристап до правдата, истакнал министерот Тупанчески.

Соговорниците, исто така, ја потенцирале важноста од напредокот во областа на владеење на правото и воопшто во реформата на судскиот систем со цел зајакнување на ефикасноста, независноста и одговорноста на судството.

Амбасадорката Брнз истакнала дека правната сигурност и квалитетот на правосудството се многу важни за враќање на довербата во правосудниот систем и посочи дека САД ќе продолжат да бидат наш партнер и ќе ја поддржуваат земјата во понатамошните реформи.