Министерот за правда Никола Тупанчески денеска во Љубљана се сретна со министерката за правда на Словенија Доминика Шварц Пипан.
На средбата, како што соопшти Министерството за правда, се дискутирало за почетокот на скринингот, преговарачкиот процес, реформите кои треба да се реализираат, Поглавјето 23 кое се однесува на правосудството и фундаменталните права.
Словенија, како земја членка на ЕУ со своето искуство и практика значително може да помогне за побрза интеграција во Унијата, се вели во соопштението. На заедничка прес-конференција, министерот Тупанчески кажал дека Словенија е добар пример за следење во однос на исполнувањето на конкретните задолженија во правосудството за зачленувањето на нашата држава во Европската Унија.
– Поглавјето 23 е едно од најобемните и сложени поглавја, а брзината и времетраењето на преговорите во оваа област директно влијаат врз напредокот на преговарачкиот процес. Со министерката Пипан разменивме мислења и искуства кои што се однесуваат на изборот,именувањата на судиите и јавните обвинители. Стигнавме до некакви заеднички констатации што би значеле дека постои дополнителна можност за подобрување на состојбите и во Словенија, но и во Република Северна Македонија каде што навистина не чека еден процес, еден предизвик кој значи исчекор во воспоставувањето на нови стандарди што значат приближување кон ЕУ, рече Тупанчески.
На средбата на двајцата министри се разговарало и за миграцијата, сузбивањето на организираниот криминал и корупција, начинот на именување и разрешување на судии и јавни обвинители како и за имплементацијата на билатералните договори меѓу двете држави и продолжување на соработката преку размена на искуства.