Турција ја промени својата реторика, нарекувајќи го рускиот напад врз Украина „војна“ и вети дека ќе спроведе делови од меѓународниот поморски договор за ограничување на минувањето на руските воени бродови од Средоземното Море до Црното Море.

Украина ја повика Турција да го блокира понатамошниот влез на руски бродови во Црното Море, од каде руските сили почнаа да навлегуваат во јужниот брег на Украина. Најмалку шест руски воени бродови и подморници минаа низ турскиот теснец овој месец.

„Сега веќе ситуацијата во Украина може официјално да се нарече војна… Затоа, ќе ја спроведеме конвенцијата од Монтре“, рече турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во интервју за Си-Ен-Ен Турк.

Балансирајќи помеѓу обврските кон Западот и нејзините блиски врски со Русија, Турција ја опиша руската инвазија на Украина како неприфатлива, додека официјално не го нарече нападот војна.

Оваа реторичка промена ѝ овозможи на Турција да се повика на членовите од Конвенцијата од Монтре од 1936 година, која и дозволува да го ограничи преминувањето на бродови низ нејзините теснец Дарданели и Босфор во случај на војна или друга закана.

Но, турскиот министер Чавушоглу истакна дека Турција не може да го блокира преминувањето на сите руски воени бродови кои се упатуваат кон Црното Море поради клаузулата за договор со која се ослободуваат тие бродови да се вратат во нивната регистрирана база.

Турција има добри односи и со Русија и со Украина. Додека другите членки на НАТО воведуваат санкции кон Русија, Турција нема многу простор за маневрирање бидејќи премногу санкции може да го загрозат увозот на руската енергија и да им наштетат на турската трговија и туризам, во време кога економијата на земјата е во големи проблеми.