Грците продолжуваат силно да се вооружуваат во обид да стекнат воена супериорност над Турција, изјави денеска турскиот министер за одбрана Хулуси Акар. Сепак, Акар ги опиша напорите на Атина како „залудни“ и ја повика да ги реши своите спорови со Турција преку мирен дијалог.

Ова не е трка во вооружување, туку демонстрација на оружје. Тие се обидуваат да стекнат превласт над Турција преку вооружување со охрабрување и провокации на некои земји. Тоа е залуден напор, истакна Акар.

Тој, исто така, ја критикуваше Грција за градење сојузи со некои партнери во НАТО, нарекувајќи ги залудни. Турскиот министер мислел на неодамнешниот воено-одбранбен договор меѓу Грција и Франција, кој го отвора патот за продажба на значително количество француско оружје на грчката армија.

Турција и Грција имаат проблеми во источниот Медитеран и Егејското Море, а Турција сака да ги реши овие прашања во рамки на меѓународното право и добрососедските односи преку преговори, дијалог, мирни средства и методи, нагласи Акар.

За жал, одредени политичари во Грција ги продолжуваат своите агресивни акции и реторика до бесконечност. Тие сакаат погрешно да ја претстават Турција како експанзионистичка сила, додаде турскиот министер.