Туристичките агенции оставиле три барања до Владата и најавуваат дека во вторник ќе се приклучат на протестот на угостителите.
– Интересот за патување е сведен на минимум, скоро и да не постои. Падот на прометот кај сите турстички агенции е над 80 проценти, а кај големиот дел и 100 проценти. 2021 година беше годината кога сите се надеваме дека ќе се вратиме во нормала меѓутоа за жал истата се покажа дури и полоша од претходната. Континуирана помош од страна на државата нема. Гледаме што се случува во петтиот пакет мерки и тоа не можеме да го поднесеме, изјави денеска на прес-конференција Ана Марија Алексова од Туристичко-угостителската комора.
Туристичките агенции бараат итна неповратна помош од Владата и ваучерите од кампањата „Дома си е дома“ да бидат задолжително искористени преку туристичките агенции. Бараат да се смени и одлуката за ваучерите за нереализираните патувања поради ковид кризата, односно наместо до 31 декември годинава, важноста на овие ваучери да се продолжи до 31 декември 2022 година.
Барањата, како што истакна Алексова, се реални и засновани на големите штети што ги трпи овој сектор за време на корона кризата.
– Ова ни е потребно за опстанок во ова време, потенцира Алексова.
Поради актуелната ситуација со корона кризата, како што посочи, неизвесна е реализацијата на аранжманите. Понуди има само за Албанија, додека за Турција каде засега се бара ПЦР тест, ситуацијата е неизвесна бидејќи одлуките се менуваат секојдневно.