Двата аеродроми се најбрзорастечки во регионот по бројот на патници. Тоа е лоша вест за опозицијата, но добра за граганите. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски. На одговор од новинарско прашање  Мицкоски истакна дека податоците од операторот на двата меѓународни аеродроми и од Министерството за транспорт покажуваат значителен раст.

„Она коешто охрабрува се податоците коишто операторот на двата меѓународни аеродроми ги пренесе, истото тоа го пренесе и Министерството за транспорт, а тоа е дека двата аеродроми се најбрзорастечки во регионот по бројот на патници. Исто така и Светска банка во делот за туризам тоа го потенцира. Тоа е лоша вест за опозицијата и за оние нихилисти коишто гледаат како да не успее државата, но е добра вест за граѓаните и за сите оние коишто ѝ мислат добро на земјата, бидејќи тоа што го работиме 25 месеци полека се консолидира и полека покажува знаци на жилавост и на отпорност на сите овие кризи коишто се случуваа, а резултатите стануваат сè повеќе видливи“, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи конкретни проценти за порастот на авиосообраќајот во изминатите седум месеци.

„Бројот на летови и бројот на патници во првите седум месеци веќе не е зголемен за 1, 2 или 3% споредено со претходната година, туку зборуваме за 20, 30 или 40%. Тоа е нешто коешто навистина е значајно и тоа нас нè мотивира да продолжиме во таа насока и во периодот којшто следи, бидејќи туризмот е еден од приоритетите на Владата. Можете да бидете сведоци што се случува посебно овие денови, овие недели би рекол, на нашиот туристички бисер, но и не само таму, туку насекаде на целата територија на земјата“, изјави премиерот Мицкоски.