Полска најави активирање на членот 4 на НАТО според кој страните треба да се консултираат меѓусебно секогаш кога е загрозена некоја од нив. Полската оперативна команда објави дека е распоредено оружје и дека службите активно работат на лоцирање на соборените објекти. Русија мора да почувствува дека Европејците знаат како да се бранат, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски, а шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, нагласи дека во Полска се случило најсериозното кршење на европскиот воздушен простор од страна на Русија, од почетокот на војната, за кое индикациите сугерираат дека било намерно, а не случајно
Полскиот премиер, Доналд Туск, објави дека Полска ќе го активира членот 4 од НАТО, односно ќе побара формални консултации во рамките на Алијансата, откако во средата рано изутрина полската армија собори беспилотни летала што го нарушија нејзиниот воздушен простор во текот на руски напад врз соседна Украина. Членот 4 гласи: Страните ќе се консултираат меѓусебно секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните е загрозена. Членот 4 е одделен од членот 5, кој е изјава на Алијансата дека нападот врз една членка е напад врз сите. Туск, кој го нарече настанот чиста агресија, потврди дека барањето за активирање на членот 4 е договорено меѓу него и полскиот претседател, Карол Навроцки. Тој рече дека ги цени сите изрази на солидарност, но дека „зборовите не се доволни“ и дека Полска ќе бара „многу поголема“ поддршка од сојузниците на НАТО.
Полската оперативна команда објави дека е распоредено оружје и дека службите активно работат на лоцирање на соборените објекти. Министерството за внатрешни работи информира дека изутрината во Полска влегле 19 дрона, од кои некои биле соборени, а НАТО потврди дека во операцијата учествувале и холандски и италијански авиони. Полска првпат соопшти дека во нејзиниот воздушен простор влегле и проектили. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, објави на платформата „Икс“ дека првото преминување на границата меѓу Украина и Полска е регистрирано околу 00:50 часот по киевско време и дека најмалку две беспилотни летала што влегле во Полска го користеле белорускиот воздушен простор.
– Бројот на руски беспилотни летала што влегле во Полска и навлегле длабоко на нејзина територија може да биде поголем од претходно објавените податоци. Според новите информации, може да бидат околу дваесет беспилотни летала. Го проверуваме тоа – напиша Зеленски, додавајќи дека Русија мора да почувствува дека Европејците знаат како да се бранат.
Порака во тој стил упати и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која го имаше своето традиционално обраќање за состојбата на Европската Унија пред членовите на Европскиот парламент истиот ден кога влегоа руските дронови во полскиот воздушен простор. Таа нагласи дека Европа цврсто стои зад Полска и дека Русија мора да плати за штетата.
– Европа ќе го брани секој квадратен сантиметар од својата територија. Мораме да се подготвиме денес – рече таа.
Но, таа не се воздржа да праша дали има Европа храброст за таа битка.
– Војната на Русија ескалира, не завршува. Синоќа, во Полска, го видовме најсериозното кршење на европскиот воздушен простор од страна на Русија, од почетокот на војната, а индикациите сугерираат дека тоа било намерно, а не случајно – изјави шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас.
Според полскиот премиер Туск, можноста за воен конфликт сега е поблиску од кога било по Втората светска војна.