Полските компании ќе бидат погодени преку германскиот извоз, Чешка очекува пад на растот поради новите давачки
Полска, според првичните проценки, може да претрпи загуби од околу 2,16 милијарди долари поради новите американски царини на европските производи.
Ова денеска го соопшти премиерот Доналд Туск, кој додаде дека и покрај сериозните економски последици, договорот со Вашингтон е подобра опција отколку трговска војна.
Загубите ќе бидат значајни од двете страни на Атлантикот, но подобар е остар трговски договор отколку бесмислена царинска војна меѓу сојузниците – напиша Туск на социјалната мрежа X.
Ваквата изјава следува откако САД, пред два дена, постигнаа рамковен трговски договор со Европската унија.
Според договорот, се воведува увозна царина од 15 отсто на поголемиот дел од европската стока. Со тоа е избегната ескалација на економскиот судир меѓу двете страни.
Иако Полска директно не извезува значајни количини производи во САД, сепак ќе биде сериозно погодена.
Причината е што полските компании често се ангажирани како подизведувачи, особено во автоиндустријата.
На пример, полските производители на автоделови извезуваат во Германија, а германските производи, меѓу кои и возила, потоа завршуваат на американскиот пазар.
Новата царинска стапка од 15 отсто, која опфаќа и автомобили, е голем скок во однос на досегашната царина. Таа беше на сила пред администрацијата на Доналд Трамп да започне со политиката на глобални царини.
Покрај Полска, загуби предвидува и Чешка.
>Според првичните пресметки на чешкото Министерство за финансии, економскиот раст на земјата ќе биде намален за 0,2 процентни поени до крајот на годината, а во 2026 година ќе биде намален за 0,39 процентни поени.