Меѓу жртвите има и двајца тинејџери, на возраст од 14 и 16 години, кои загинаа во стравотен налет на публиката, пренесува „Ројтерс“.
Скот продолжил да настапува и откако забележал дека неговите обожаватели добиваат лекарска помош, за подоцна да им каже на властите дека не бил свесен за сериозноста на ситуацијата.
Шефот на полицијата во Хјустон, Трој Фајнер, изјави дека неговиот оддел отворил кривична истрага, по пријава дека некој од публиката инјектирал дрога во луѓето.
Еден член на обезбедувањето почувствувал убод во вратот, се онесвестил и повторно се соземал откако му бил вбризган ‘наркaн’, лек кој се користи при предозираност со опиоиди, рече Фајнер.
Според зборовите на шефот на градската противпожарна служба, Семјуел Пене, уште неколку лица биле инјектирани со „наркан“.
Судијката од округот Харис, Лина Илдаго, повика на објективна, независнa истрага за рап фестивалот, на кој присуствуваа 50.000 луѓе.
Мануел Соуса, кој претрпел тешки телесни повреди на фестивалот, ја поднесе првата тужба, барајќи најмалку милион долари отштета од голем број обвинети, вклучително и Тревис Скот и промоторот на концертот „Лајв нејшн“, се наведува во тужбата поднесена до окружниот суд.
Жртвите починале во близина на бината кога толпата се придвижила напред, а некои претрпеле срцев удар и други медицински трауми, соопштија официјални лица. Засега, останува нејасно дали стампедото било предизвикано од некој конкретен настан или пак било комбинација од повеќе фактори.