Црногорскиот бизнисмен Светислав Филиповиќ (47) е осомничен како еден од клучните луѓе во голем балкански нарко-картел, откако беше уапсен во меѓународна операција координирана од Европол.
Филиповиќ е сопственик и управител на компанијата „Спектакулар“, која официјално се занимава со трговија на банани и јаткасти плодови и остварува повеќемилионски промет.
Според податоците од платформа за глобална трговија, компанијата примила 139 пратки од земји како Еквадор, Колумбија и Украина, од вкупно 16 добавувачи.
Директорот на Полициската управа Лазар Шќепановиќ соопшти дека Филиповиќ е осомничен за трговија со дрога и оружје и дека бил на чело на криминалната мрежа.
Операцијата со кодно име „Спектакулар“, спроведена во Црна Гора и Германија, резултирала со апсење на најмалку 14 лица.
Во рамки на истрагата се запленети околу 4,5 тони наркотици во 12 одделни акции, меѓу кои 2,7 тони кокаин во Боливија и 1,8 тони дрога во Европа, вклучително канабис, хашиш и кокаин.
Според истражувачки податоци, компанијата на Филиповиќ имала отворени 25 банкарски сметки, кои сега се блокирани на износ од речиси пет милиони евра.
Полицијата соопшти дека истрагата била насочена кон разбивање на транснационална криминална мрежа што дејствувала на повеќе континенти и била вклучена во шверц на дрога и оружје.
