Целиот свет во шок ја дочекал веста дека во авганистанската престолнина Кабул талибанците го уапсиле претседателот на таа земја.
И додека многумина најпрво помислиле дека станува збор за Ашраф Гани, кој претходната недела побегнал од државата непосредно пред талибанците да се пробијат во Кабул и да прогласат дека Авганистан е вратен во нивни раце, набрзо е објаснето дека станува збор за лидерот кој бил на чело на државата пред Гани.
Станува збор за Хамид Карзаи, човек кој по враќањето на талибан преговарал со припадниците на таа организација и требало да учествува во новата влада како член на советот.
Се верува дека преговорите очигледно во некој момент тргнале во лоша насока, па така талибанските милитантите упаднале во неговата куќа, но и во домот на некогашниот авганистански премиер Абдулах Абдулах. Освен што им се запленети сите работи и одземени личното обезбедување, возилата и оружјето, талибанците им одредиле и домашен притвор, па нивната судбина е засега непозната.
Абдулах, инаку, официјално е на чело на Високиот совет за национално помирување.
Потсетуваме, во вторникот авганистанската телевизија “Аријана Њуз” објавила дека поранешниот претседател на Авганистан, Хамид Карзаи, шеф на Високиот државен совет за национално помирување Абдулах Абдулах и лидерот на Исламската партија Гулбудин Хекметијар ќе се приклучат на Советот за управување со Авганистан кој талибанците планираат да го воспостават.
Пред тоа, споменатите тројца лидери одржале низа состаноци со припадници на талибан за формирање на нови владини агенции, вклучувајќи и кабинет кој ќе го претставува целосното авганистанско општество.