Денеска се одбележува Светскиот ден на рисот, а од Македонското еколошко друштво споделуваат нови податоци, според кои рисот освојува нови пространства низ земјата, а документиран е и како го препливува езерото Козјак и прави повремени прошетки на скопската планина Водно. Сепак, нашите екологисти денеска уште еднаш го свртуваат вниманието на јавноста и кон главните опасности од неговото истребување.

Покрај екстремно малата популација, сериозни закани за балканскиот рис се и криволовот и узурпацијата на пределите каде што живее, информираат од МЕД. Преостанатите единки рис, но и неговиот главен плен, срната и дивокозата, низ годините постојано се на удар на криволовците, а човекот преку инвазивни зафати во зелените предели каде што гравитира, систематски ги уништува неговите живеалишта и директно ја загрозува можноста да се храни, безбедно да се движи и да се размножува.

Балканскиот рис е критично загрозен подвид на евроазискиот рис, кој е вклучен во додатокот два од Бернската конвенција, што наложува негова поголема заштита во државите каде што се среќава. МЕД веќе 15 години е дел од меѓународен тим за балкански рис, кој се бори да ја спаси оваа величествена мачка од исчезнување.

-На Светскиот ден на рисот се запрашуваме – дали ќе исчезне балканскиот рис? Ова животно е со мошне ограничено распространување, чија популација, според новите проценки, брои помалку од 50 возрасни единки. Малиот број на единки утврдени со нашите интензивни истражувања со фотозамки е загрижувачки. Рисот се соочува со многу закани на Балканот, па и најмалите промени во неговиот хабитат значајно влијаат врз овој критично загрозен подвид, велат од Македонското еколошко друштво.

Фотозамките се стандарден метод за пребројување на балканскиот рис, со кој единките се идентификуваат преку фотографии. Во земјава најголемиот број рисови се лоцирани во Националниот парк „Маврово“. Таму, се наведува во Програмата за закрепнување на балканскиот рис, во периодот од февруари до мај годинава се поставени 60 фотозамки на 30 локации. Во Албанија се поставени 29, а во Косово 23 фотозамки, преку кои е документирано движењето на четири риса во Албанија и еден во Косово. Македонските екологисти досега со ЏПС околувратник имаат обележано и следат десетина животни во рамките на НП „Маврово“, а од неодамна заловени беа и обележани и два риса во шумскиот резерват „Јасен“.

„Есента минатата година започна еден нов истражувачки проект за рисот во повеќенаменското подрачје „Јасен“ со финансиска поддршка од УНДП. Најновата сесија со фотозамки и кафез-замки се спроведе во периодот од ноември лани до јуни годинава кога се поставија 20 фотозамки и две кафез-замки. Добивме 24 фотографии од рис на осум локации и утврдивме дека во подрачјето гравитираат најмалку три различни единки. Заловени се две, мажјакот Нони во февруари и женката Нела во март, на кои им беа ставени GPS-околувратници за нивно следење. Пристигнатите лоцирања од единките покажуваат несекојдневни обрасци на движење, покривање поголеми пространства, препливување на езерото Козјак, па дури и повремени прошетки на скопската планина Водно“, велат од МЕД. Минатата година, по пауза од неколку децении, беше забележан рис и во Националниот парк „Галичица“. Тој беше фотографиран веднаш до оградата од репроцентарот за европски елен на територијата на паркот.