Докторот кој вчеравечер во 23 часот бил пронајден без знаци на живот, со убодни рани по телото, во неговиот автомобил паркиран на паркинг во непосредна близина на поликлиниката Железара е матичниот лекар Ацо Трповски, потврди за „Слободен печат“ директорот на поликлиниката Александар Вељановски. Станува збор за лекар кој имал приватна ординација и е на 67 годишна возраст.
Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова, за „Слободен печат“ кажа дека станува збор за врвен лекар, со огромен стаж и целата медицинска фела е во шок од трагедијата. Според нејзините информации, лекарот вечерта посетил настан организиран од фармацевтска компанија за лек.
Министерството за внатрешни работи информираше дека А.Т.(67) од Скопје со убодни рани е пронајден во сопственото возило „киа“ на паркингот пред поликлиниката Железара. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.
Од МВР истакнуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека е извршен увид на местото во скопската населба Железара каде синоќа беше пронајдено телото на 67-годишниот лекар со повеќе убодни рани.
Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и наредба за прибирање и анализа на сите траги пронајдени на лице место и за обезбедување на снимки од видеонадзор. Се преземаат дејствија за расчистување на настанот, се наведува во соопштението од ОЈО Скопје.