Убиениот Орхан Бајрами – Оки се фотографирал со претседателот на државата, Стево Пендаровски, но никогаш не седнал во негово друштво на маса.
Од претседателскиот кабинет за „Макфакс“ посочуваат дека Пендаровски се фотографирал со сите кои ќе побарале. Според нив, фотографијата е направена пред четири години, за време на кампањата за претседателските избори. Прашани како може Пендаровски да биде во друштво на водичи на нарко-кланови, како што се сметаше Оки, тие рекоа дека безбедносни проценки за лица кои спонтано приоѓаат за фотографирање не се прават.
„Претседателот Стево Пендаровски, за време на изборната кампања на претседателските избори во 2019 година, посети населени места на целата територија на државата, при што се фотографираше со сите граѓани што тоа ќе го побараа од него. Како што може да се види, претседателот не е седнат во друштво на посочените лица, туку е фотографиран стоејќи. Претседателот Пендаровски е фотографиран на барање на лицата од посочената фотографија и лично не се познавал со нив“, велат од Кабинетот на Пендаровски за „Макфакс“.
Тие посочуваат дека имало само фотографија, но не и разговор. Додаваат дека проценки со кого да се фотографира претседателот или во тоа време кандидатот на претседателот – не се прават од страна на МВР.
Орхан Бајрами – Оки е убиен ноќеска во Грција. Тој и е познат на македонската јавност како дел од мафијашкото подземје. Го сметаа за неформален лидер на т.н. групата „Дуќанџик“. Беше инволвиран во неколку вооружени инциденти, а познат е и за македонската полиција. Според неофицијални информации на грчките медиуми, убиството на Бајрами-Оки, било извршено од неколку лица, со пиштоли, од кои испукале дваесетина куршуми.