Четворицата осомничени за разбојништвата со смртни последици во скопските населби Хром и Ѓорче Петров добија продолжување на притворот за уште 30 дена. Одлуката е донесена по предлог на обвинителството, а од Кривичниот суд информираат дека мерката е побарана поради опасност од уништување докази, попречување на истрагата и бегство.

Претходно, на осомничените поврзани со убиствата на повозрасните лица во Ѓорче Петров притворот им беше продолжуван двапати по 48 часа. Причината беше сомнението дека се поврзани со смртта на две лица пронајдени во нивните домови.

Во случаите се приведени А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58), сите од Скопје, како и М.Р. (26) од Струмица. Полицијата ги поврза четворицата со двата настана.

Првиот случај беше откриен на 22 октомври во скопската населба Хром. Во својот дом беше пронајден починат 62-годишниот С.Ј., со видливи траги од насилство.

Пет дена подоцна, на 27 октомври, нов случај беше откриен во населбата Ѓорче Петров. Во куќа на улицата „Ѓурчин Кокале“ беше пронајдена почината 76-годишната О.А., исто така со траги од насилство.

Во меѓувреме, обвинителството продолжува со истрагата за двата случаи и со прибирање докази. Се спроведуваат и ДНК-вештачења, чии резултати треба да бидат вклучени во доказниот материјал.