Јанко Јаневски, кој отслужува 9-годишна затворска казна во КПУ „Идризово“, инаку поранешен заменик министер за култура, тврди дека во обид да му се изнудат пари изложен бил на смртни закани од затворениците осудени за „Диво Насеље“, објави ТВ Алфа. Во целиот овој случај бил замешан и затворски командир.

Јаневски вели дека осуденици од „Диво Насеље“ му барале во рок од 24 часа да плати 4.000 евра кај командирот, а ако тоа не го стори ќе биде убиен и тој, и неговата сопруга и неговите деца. Јаневски ги повикува надлежните да реагираат.

Директорот на затворот Зоран Јовановски за Алфа изјавил дека ги повикал затвореникот и командирот на разговор и констатирал дека станува збор за „должничко-доверителски однос меѓу нив и лично недоразбирање, кое трае подолго време“.

Затвореникот Јаневски потврди дека имало средба и дека директорот му советувал да не оди преку медиумите, туку да пријави во Обвинителството, но поради сомнежот дека случајот може да се забошоти, решил да го изнесе во јавноста.