УЕФА, управното тело на европскиот фудбал, за денес закажа состанок на Извршниот комитет во Солун, Грција, на кој ќе се донесат низа важни одлуки поврзани со европскиот фудбал.

Дневниот ред е обемен и го опфаќа форматот за претстојната Лига на нации и квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Состанокот го свика претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.

Пред да се премине на прашањата поврзани со репрезентативниот фудбал, беа избрани домаќините за претстојните финалиња на големите европски натпреварувања.

Минхен и Барселона се избрани за домаќини на претстојните финалиња во Лигата на шампионите. Минхен и стадионот „Алијанц Арена“ ќе бидат домаќини на финалето во Лигата на шампионите во 2028 година, додека Барселона и стадионот „Камп Ноу“ ќе бидат домаќини на финалето следната година.

И Белград доби важни вести: Националниот стадион – кој моментално е во фаза на изградба – ќе биде домаќин на финалето во Лигата на Европа во 2029 година. Честа да биде домаќин претходната година ѝ припадна на Националната арена во Букурешт.

Денес УЕФА ќе ги избере и домаќините за сите други финалиња, вклучувајќи ги Суперкупот и натпреварувањата во женски фудбал, пред да премине на точките од дневниот ред поврзани со репрезентативните натпреварувања.