Претставници на Македонскиот олимписки комитет денеска остварија работна средба со висока делегација на Светската е-спорт федерација, предводена од нејзиниот претседател Влад Маринеску. На средбата биле разгледани можностите за продлабочување на соработката и за натамошен развој на е-спортот во Македонија.

Во услови на брза дигитална трансформација, двете страни ја потврдиле заедничката визија за поврзување на е-спортот со традиционалниот спорт. Посебен акцент бил ставен врз заштитата на интегритетот, едукацијата и приближувањето на олимписките вредности до младите генерации.

Генералниот секретар на МОК, Ѓорги Тасев, потсети дека е-спортот во земјава е признат од 2022 година. Институционалната поддршка дополнително била потврдена со формирањето посебна комисија во рамките на Македонскиот олимписки комитет.

„За нас како Македонски олимписки комитет ова е исклучително значајна средба. Ни значи многу што денеска имаме можност да разговараме со претседателот Маринеску, а особено нè радува што во структурите на една ваква глобална организација се и Македонците Бобан Тотовски и Игор Недевски“, изјави Тасев.

Тој нагласи дека МОК силно го поддржува е-спортот и дека веќе е формирана комисија чија цел е негов развој и интегрирање во секојдневниот спорт, со доследна заштита на интегритетот и на едукативниот и спортскиот аспект.

„Сакаме да ја интензивираме соработката со Македонската е-спорт федерација. Врската помеѓу е-спортот и олимпизмот е веќе реалност која не може да се игнорира. Ние активно ги следиме новите трендови и јасно ни е дека за да допреме до младите генерации и да им ги пренесеме олимписките вредности, мораме да зборуваме на нивниот јазик, а дигиталниот свет е нивното секојдневие“, рече Тасев.

Претседателот на Светската е-спорт федерација, Влад Маринеску, изрази благодарност за отвореноста и визијата на Македонскиот олимписки комитет.

„Поддршката од Олимпискиот комитет е од големо значење за глобалниот развој на е-спортот. Радува фактот што Олимпискиот комитет овде има слух за модерното време и новите генерации“, изјави Маринеску.

Според него, институционалната подготвеност за соработка и заштита на интегритетот на спортот претставува пример за тоа како традиционалниот спорт и е-спортот можат да се надополнуваат во духот на олимписките вредности.

Во натамошната соработка посебен фокус ќе биде ставен врз едукацијата и заедничкото организирање на настани и натпревари, преку кои ќе се промовираат спортскиот и едукативниот аспект на е-спортот.