ИЗВЕШТАЈ ОД МОНИТОРИНГ
УХМР не располага со доволно автоматски станици за мерење на водостојот и недостигаат инженери и набљудувачи
Институциите кои вршат хидролошка дејност немаат доволно техничка опрема и човечки ресурси за мониторинг на езерата, реките и акумулациите во земјава, покажува извештајот од мониторингот спроведен од страна на Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии.
Мониторингот направен врз четирите институции задолжени за хидролошка дејност покажува дека Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) не располага со доволно автоматски станици за мерење на водостојот и недостигаат инженери и набљудувачи.
Според податоците од мониторингот, во Секторот за хидрологија во УХМР вработени се 12 лица од кои само двајца се инженери. Има недостиг и од набљудувачи кои излегуваат на терен и го мерат водостојот, а причината за тоа е нискиот надомест што им се дава на овие лица.
„Бројот на набљудувачи се намалува во континуитет, па така од стотина набљудувачи за површински води, тековно работат само 60, додека од 115 набљудувачи за подземни води, тековно работат само 40. Ваквото намалување на бројот на набљудувачи во текот низ годините главно се должи поради малите награди, а со тоа и преземањето на одговорност и веродостојност во читањето на податоците“, истакна Ана Марија Петровска од Центарот за економски анализи на денешната онлајн презентација на податоците од направениот мониторинг.
Во делот на техничката опрема, мониторингот покажува дека од вкупно 110 хидролошки станици за површински води, во моментот оперативни и обезбедени со набљудувачи се само 66.
Досега воспоставени се 31 автоматска станица, од кои само 12 се оперативни.
Од четири мерни станици на Охридско Езеро, работи само една, додека кај Дојранско Езеро, од две мерни станици, оперативна е само една станица и тоа со стари инструменти. За Преспанско Езеро, од три мерни станици, две се во функција.
Препораката е да се зголеми буџетот на УХМР и тој да се насочи кон осовременување на техничка опрема и кон зголемување на човечкиот капитал. Се бара и зголемување на транспаретноста на УХМР во однос на достапноста на податоците.
Покрај УХМР, со мониторингот беа опфатени уште три институции – Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче”, Јавното претпријатие „Хидросистем Злетовица” и АД Електрани на Македонија. Кај првите две констатирани се исто така недостиг од опрема и човечки ресурси, а најдобри резултати покажува АД Електрани на Македонија.
Според Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии, недостатокот и неодговорноста на надлежните институции да ја надгледуваат работата на правните субјекти кои стопанисуваат со водните тела е главен предизвик за ефикасно да се спроведува хидролошки мониторинг и мониторинг на квалитетот на вода.
„Недоволно развиениот и воспоставен мониторинг, особено на природните езера, се должи и на незаинтересираноста на државните институции и слабото лобирање да ѝ се даде приоритет на оваа област во креирањето на јавните политики и зголемувањето на финансиските средства“, истакна Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии.