Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) објави предупредување за нестабилни временски услови кои ќе ја погодат Македонија во понеделник и вторник, со најавени поројни дождови, грмежи, силен ветер и можност за појава на град.

Како што информира УХМР, временските прилики ќе бидат под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, а метеоролошките процеси ќе бидат особено изразени утре, кога на поединечни места се прогнозираат врнежи над 15 литри на метар квадратен за кратко време, ветер со брзина над 60 километри на час, како и изолирана појава на град.

Во Скопје се очекува променливо облачно време со локални поројни дождови и грмежи. Во одделни делови од котлината се предвидува развој на невреме со обилни врнежи и силни пориви на ветер.

Од среда натаму, се очекува стабилизација на времето, со постепен пораст на дневните температури.

УХМР упатува апел за претпазливост при електрични празнења – граѓаните да избегнуваат престој на отворено и под осамени дрвја, со цел да се спречат можни несакани последици.