Советот на Вишиот суд во Краљево донесе одлука со која на обвинетите им е укинат притворот на тројцата косовски специјалци кои беа уапсени откако навлегоа на територијата на Србија во инцидент што дополнително ги затегна тензиите со Косово.

Судот го потврди обвинението против тројцата припадници на косовската полиција, но им е укинат притворот и тие во моментот се ослободуваат. Првично судот донесе одлука за 30 – дневен притвор на тројцата полицајци.

„Обвинението е потврдено, а притворот е укинат и ќе се бранат од слобода“, рече правниот застапник Градимир Налиќ и додаде дека полицајците се враќаат на Косово.

Претходно унгарскиот премиер Виктор Орбан најави ваква разврска, откако на Твитер напиша дека српскиот претседател Александар Вучиќ го информирал дека „во согласност со нашиот договор од минатата недела, Србија наскоро ќе ги ослободи од притвор косовските полицајци“.