Апелациониот суд во Скопје донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски во предметот познат во јавноста како „Меѓународен сојуз“. Со оваа одлука повисокиот суд ја преиначи првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, со која Јовановски претходно беше осуден на пет години затвор. Ослободителната одлука на судот се однесува и на останатите обвинети лица во истиот судски процес.
Информацијата за ваквиот правен исход ја соопшти бранителот на Јовановски, адвокатот Сашко Дуковски.
„Ете, правдата е спора но достижна! Апелациониот Суд во Скопје денес донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски во предметот Меѓународен сојуз. Со тоа ја преиначи првостепената пресуда на Основниот кривичен суд од 5 години!“, објави Дуковски.
Претходно, Апелациониот суд ја потврди ослободителната пресуда за поранешната пратеничка Фросина Ташевска-Ременски, додека првичните пресуди за дел од останатите обвинети беа укинати и предметот беше вратен на повторно судење.
Во октомври 2025 година, по повторениот судски процес, Јовановски беше неправосилно осуден на пет години затвор за кривичните дела измама и перење пари.
