Украинските новинари преку социјалните мрежи шират информации дека на бојното поле бил уништен модерен и редок руски тенк „Т-90М Прорјив-3“ („Пробој-3“).
Како доказ на „Твитер“ се појави фотографија, која наводно е направена на 4 мај и на која се гледа уништениот руски тенк. Фотографијата ја објави новинарот на „Киев индипендент“, Илија Пономаренко, а на неа во преден план се гледа репортерот Андриј Цаплијенко.
Тенкот наводно бил уништен во североисточниот украински регион Харков.
Според специјализираниот воен портал The War Zone, тенкот „Т-90М“ е технолошки најнапредниот и најспособен во рускиот воен арсенал на бојното поле.
Уништувањето на овој тенк ја одразува подготвеноста на Москва да ја вклучи својата најсовремена воена технологија во борбите, оценува The War Zone. Рани докази дека Русија можеби ангажира дел од нејзините ограничени резерви на тенкови „Т-90М“ почнаа да се појавуваат уште во април.
Скриен тенк „Т-90М“ е виден во регионот Харков на видеа објавени од Националната гарда на Русија (Росгардија) на 25 април, а кои оттогаш кружат на социјалните мрежи.