САД и Брисел со нов мировен план

Украина би можела да стане членка на Европската Унија до 1 јануари 2027 година, според мировниот предлог што се разгледува како дел од преговорите за завршување на војната со Русија, со посредство на САД, јави Фајненшл тајмс.

Предлогот, како што соопшти ФТ повикувајќи се на извори блиски до преговорите, е договорен меѓу украински и американски претставници, со поддршка од Брисел. Брзиот временски рок значи дека Украина би морала да ја забрза целата процедура за приклучување, иако формално не е завршена ниту една од 36-те фази од пристапниот процес. Според изворите, ова би го поништувало претходниот пристап „базирано на заслуги“ и би принудило Брисел да го преиспита целиот процес.

Историја на кандидатурата

Украина аплицираше за членство во ЕУ веднаш по руската инвазија во февруари 2022 година, а четири месеци подоцна доби формален статус на земја кандидат. Сега, со овој предлог, земјата би требало да ги заврши сите подготовки и реформи за приближно една година и половина за да стане полноправна членка на Унијата.