Украинската армија тврди дека вчера одбила 15 руски напади во регионите Доњецк и Луганск.

Во најновиот извештај на Генералштабот се наведува дека руската армија подготвува офанзива за заземање на градовите Лиман и Северодонецк.

-Продолжуваат борбите во населбите Воеводовка и Тошовка во областа Северодоњецк, како и во Каменка во областа Доњецк, се посочува во извештајот објавен преку статус на „Фејсбук“.

Истовремено се наведува дека украинските сили уништиле еден руски противвоздушен ракетен систем, девет тенкови, три артилериски орудија, 25 оклопни борбени возила, три единици специјална инженерска опрема, како и три други возила.

Весникот „Украинска правда“ објавува биланс на руските загуби, според кои од почетокот на војната Русија досега изгубила 26 илјади војници и 1.170 тенкови, како и 2.808 оклопни борбени возила, 519 артилериски системи, 87 противвоздушни системи, 199 авиони, 158 хеликоптери, 94 крстосувачки ракети.