Додека денеска во Абу Даби почнува нова рунда преговори меѓу САД, Русија и Украина за завршување на војната, украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалната мрежа Икс објави дел од неодамнешно интервју во кое откри дека Американците зад затворени врати барале од него да ѝ го отстапи Донбас на Русија во замена за нејасни безбедносни гаранции.

„Предавањето украинска земја во замена за мир е чиста апстракција. Путин зборуваше за Донбас, а потоа тргна кон Киев. Тврдеше дека ги брани луѓето што зборуваат руски, а потоа во Буча и на други места ги мачеше до смрт. Затоа, кога Американците ме прашаа: ‘Можете ли да го замените Донбас за безбедност?’, веднаш им одговорив со контрапрашање: ‘Можете ли да ми кажете што точно значи тоа? Каква безбедност? НАТО?’“, напиша Зеленски.

„Тоа е вашата цел, а денес е и целта на Путин“

Според зборовите на украинскиот претседател, од американска страна добил одговор дека не станува збор за членство во НАТО, туку за „нешто слично на НАТО“.

„Слично? Но вие за Донбас не барате ‘сличен’ одговор. Вие за Донбас сакате јасен одговор. Тоа е вашата цел, а денес е и целта на Путин. Што ќе направите ако добиеме гаранции, но не и НАТО?“, порача Зеленски, потсетувајќи дека Украина во минатото веќе се откажала од нуклеарното оружје, а на крајот била нападната.

„Ниту сум приврзаник на нуклеарното оружје, ниту мислам дека тоа е добро. Светот би бил подобар без него. Но Русите ни го одзедоа нуклеарното оружје, нели? Да. Потоа нè запреа на патот кон Европа, ни го спречија влезот во НАТО и на крајот нè окупираа. Затоа ова е апстрактно прашање. Никој не верува дека Путин ќе запре ако му го отстапиме Донбас. Тој само ќе направи пауза и ќе се врати за една, две или пет години. И кој тогаш ќе биде виновен?“, заклучи Зеленски.

Оваа порака на украинскиот претседател доаѓа непосредно пред денешниот почеток на новата рунда трилатерални преговори во Абу Даби, први по пауза од повеќе од осум месеци.

САД на преговорите ги претставуваат специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Украинската делегација ја предводи шефот на надворешната разузнавачка служба Рустем Умеров, додека руската делегација ја предводи помошникот на Путин, Владимир Медински.

Иако неименувани американски претставници пред состанокот тврдеа дека и Москва и Киев покажуваат знаци на попуштање во однос на можна размена на територии, Зеленски со оваа изјава јасно стави до знаење дека Украина не прифаќа да тргува со сопствената територија во замена за несигурни ветувања што нема да го спречат Путин повторно да нападне