Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и британскиот министер за одбрана Вес Стритинг оценија дека украинскиот напад врз мостот кон полуостровот Крим, што е изграден од Русија, претставува легитимен и неопходен одбранбен потег.

„Сметам дека е важно Украина да се брани“, рече Руте додавајќи дека тоа вклучува и напади врз логистички центри.

Британскиот министер Стритинг изјави дека нападот претставува уште еден јасен пример за украинската досетливост и апсолутната решеност на земјата да се одбрани од руската агресија.

„Ние стоиме покрај Украина додека таа го прави тоа“, додаде тој.

Двајцата функционери ги дадоа изјавите на маргините на состанокот на Контакт-групата за одбрана на Украина, што се одржа во Брисел.

Украинската војска изврши напад врз стратешкиот Кримски мост, познат и како Керченски мост, при што беше урнат главниот лак на патниот мост, како и дел од коловозот.

Мостот, долг 19 километри, ја поврзува копнена Русија со полуостровот Крим, што властите во Москва го анектираа од Украина во 2014 година, и претставува клучна линија за снабдување на руските сили во јужна Украина.

Украина го смета мостот за нелегална градба подигната на нејзина територија и во повеќе наврати се обиде да го оштети и онеспособи, со цел да го попречи руското воено снабдување.