Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна на самитот на европските лидери во Молдавија, каде беше пречекан од молдавската претседателка Маја Санду.
Зеленски и се заблагодари на Молдавија што ги прими Украинците кои бегаат од војната откако Русија ја започна својата инвазија. Молдавија прими над 700.000 бегалци од февруари 2022 година, а над 100.000 сè уште се во земјата, според податоци на ОН.
– Украина денес ја чува Молдавија безбедна, и ние сме многу, многу благодарни за тоа, рече Санду по кусата средба со Зеленски, чија земја се наоѓа меѓу поранешната советска република Молдавија и Русија.
Зеленски, исто така, најави планови за формирање на нови коалиции за да добие дополнителна поддршка за одбрана од руската агресија, за што сака да разговара со другите европски лидери.
Двајцата претседатели разговараа и за нивните аспирации за влез во Европската унија.
– Мислам дека она што е многу важно е нашата иднина во ЕУ, рече Зеленски, пред да додаде дека Украина е подготвена да биде дел од НАТО.
Украина има статус на кандидат за ЕУ од минатото лето и се надева дека ќе започне формални пристапни преговори за членство во блокот до крајот на годината.
Киев доби економска, воена и хуманитарна поддршка во вредност од околу 70 милијарди евра (74,8 милијарди долари) од ЕУ од февруари 2022 година. Европските земји доставуваат оружје и муниција.
Зеленски неодамна присуствуваше на самитите на Арапската лига во Саудиска Арабија и на Г7 во Јапонија.
Речиси 50 европски лидери денеска се собираат во молдавскиот град Булбоака, на околу 20 километри оддалеченост од украинската граница, за да разговараат за безбедноста, поврзаноста и енергетските прашања на континентот.
Локацијата на самитот е многу симболична бидејќи Булбоака се наоѓа во непосредна близина на границата со воено разурната Украина и молдавскиот отцепен регион Придњестровје, каде што руските војници се стационирани од 1990-тите, пренесува ДПА.
НАТО соопшти ќе го надгледува небото над Молдавија за време на самитот.