Непознат сторител украл автомобил „фолксваген голф“ во тетовско и со возилото удрил во маркет во село Палатица, при што повредена е 23-годишна вработена, соопшти СВР Тетово. По незгодата, сторителот го напуштил местото.
Случајот бил пријавен вчера во 22:40 часот од Ќ.И. (78) од село Стримница, кој пријавил дека автомобилот, сопственост на друго лице, бил паркиран и оставен со клуч на бравата кога бил одземен.
Според полицијата, лицето што го одзело возилото се движело кон село Палатица, каде што предизвикало сообраќајна незгода удирајќи во објект на маркет.
Во инцидентот со телесни повреди се здобила Л.К. (23) од село Палатица, вработена во маркетот. Повредите ѝ биле констатирани во Клиничкиот центар во Тетово, а причинета е и материјална штета на објектот.
По наредба на јавен обвинител, возилото е одземено и пренесено во кругот на СВР Тетово, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
