Агенцијата на Обединетите нации за децата УНИЦЕФ предупреди дека доколку не престане огнот во Газа, бројот на жртвите ќе продолжи да расте и дека децата во густо населената палестинска енклава ќе бидат во уште поголема опасност.
„Газа стана гробница за илјадници деца“, рече портпаролот на УНИЦЕФ Џејмс Елдер. „Тоа е пекол на земјата за сите други“.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 8.300 Палестинци се убиени, вклучувајќи 3.457 деца, откако Израел почна со воздушни напади – како одговор на нападот на Хамас на 7 октомври. САД го сметаат Хамас за терористичка организација.
„Од почетокот на непријателствата во Појасот Газа, УНИЦЕФ беше меѓу првите што апелираа за итен прекин на огнот за да може да се достави помош, а децата што беа киднапирани да бидат ослободени. Како и многу други, ние апелиравме да престанат убивањата деца“.
Вашингтон го поддржува Израел, но повика цивилите да бидат заштитени и да се достави помош во Газа додека израелската војска продолжува со операциите против Хамас.
Откако Израел делумно ја укина блокадата на Газа, Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA) соопшти дека 143 камиони со храна, вода и медицинска опрема пристигнале од Египет.
„Пред оваа ескалација, имаше околу 500 камиони дневно“, вели Јенс Лерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.
Канцеларијата вели дека ниту еден од камионите не го носи горивото потребно за одржување на единствената електрана во Газа што произведува електрична енергија, обезбедува генератори за болниците и спречува затворање на малиот број пекарници што остануваат отворени таму.
„Горивото не е луксуз потребен за возење скапи автомобили. Тоа е од суштинско значење за водоснабдување, за итна помош, болници и други организации што се неопходни за ублажување на хуманитарната катастрофа во Газа.
Израел одбива да дозволи испорака на гориво во Газа поради неговата можна „двојна употреба“, односно затоа што Хамас може да го користи за воени цели. Исто така, тој инсистира дека прекинот на огнот не е можен сѐ додека се водат борби против организација чија цел е убивање на Евреите и уништување на Израел.
„Децата умираат затоа што не можат да ја добијат потребната медицинска нега“, вели Елдер.
„Без хуманитарна помош, жртвите во овие напади може да бидат само гребење по површината“, предупреди Елдер, додавајќи дека бројот на мртвите ќе биде многу поголем доколку болниците останат без лекови.
Светската здравствена организација предупредува дека 130 бебиња во Газа се во инкубатори, а над 60 отсто од тој број се наоѓаат на северот – каде што израелското бомбардирање е најсилно.
Во моментов има околу 50.000 бремени жени, во просек се раѓаат 180 бебиња секој ден, а околу 350.000 луѓе страдаат од хронични болести како што се дијабетес, срцеви заболувања и рак – и им е потребна медицинска помош.
Од УНИЦЕФ велат дека од 21 октомври до Газа се испратени 25 камиони, но дека голем дел од нив остануваат на границата и не можат да поминат.
„Успеваме да испорачаме нешто, но тоа е капка во морето и е неприфатливо“, вели Елдер.