На денешната трибина насловена „Извештајот на ЕУ за Македонија – одраз на реалноста“, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски го искажа својот став за извештајот објавен од Европската комисија. Тој изјави дека отчетот не се разликува ништо од секојдневната реалност во која живеат, а уште помалку од она што ВМРО-ДПМНЕ го кажува со години. Николоски ги истакна главните карактеристики на владата како расцутена корупција и економија што тоне.
Понатаму Николоски нагласи дека во извештајот на Европската комисија се потврдува недостигот на владеење на правото, високото ниво на корупција и злоупотребата на процедурите во државата. Тој истакна дека негативните наоди во извештајот се евидентни со отсуството на чувство на еуфорија кај владата на СДСМ и ДУИ. Дополнително го спомна и отсуството на премиерот од земјава, наводно на измислено обраќање во УНЕСКО.
„Гледате дека изостана еуфоријата оваа година, премиерот избега, надвор од државата е на некакво си измислено обраќање во УНЕСКО“ – истакна тој.
Според Николоски, извештајот на Европската комисија го урна тврдењето на владата дека има поддршка од меѓународната заедница. Тој изјави дека е демантиран наративот на СДСМ и ДУИ да имаат меѓународна поддршка и да ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека ја кочи Македонија. Николоски тврдеше дека главната пречка што ја спречува Македонија да ги започне преговорите со ЕУ не е Бугарија, како што тврди владата, туку немањето акција против организираниот криминал и корупцијата на високо ниво.
„Им се распрсна како меур од сапуница нивната приказна која ја говореа континуирано години наназад, а тоа е дека ја имаат меѓународната поддршка, дека Европската унија само што не ја примила Македонија, дека да не се лошите од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија ќе оди со полна пареа напред. И сега кога се удираат во ѕид, кога сите сфаќаат дека она кое што го зборуваме со години е вистина а тоа е дека причината поради која Македонија не почнува преговори со ЕУ, најмалку е Бугарија“ кажа Николоски.