УНИЦЕФ денеска повторно апелираше до Русија и Украина да ги почитуваат обврските што произлегуваат од меѓународното хуманитарно право. Особено се нагласува потребата од заштита на децата и цивилната инфраструктура во услови на воениот конфликт.
Од организацијата порачаа дека децата мора да бидат безбедни на местата каде што живеат и поминуваат време.
„Игралиште. Плажа. Семеен дом. Децата имаат право да бидат безбедни таму каде што живеат и играат, каде и да се“, соопшти УНИЦЕФ.
Апелот следува откако вчера во украински воздушен напад врз едно игралиште загина едно девојче. Во друг напад врз плажа во Краснодарската област, пак, загинаа три деца.
УНИЦЕФ посочи и дека во руските напади врз Украина во изминатите седум дена загинале најмалку шест деца, додека 19 деца биле повредени.
„Мора да престанат нападите во кои се убиваат и повредуваат деца“, истакна УНИЦЕФ.
