Министерството за правда попладнево соопшти дека Бојан Јовановски бил нападнат вчера попладне на шеталиштето каде слободното време за прошетка на отворено го користат осудените лица кои се со затворен третман.

– Во врска со настанот кој се случи вчера во Казнено-поправниот дом „Идризово“, Управата за извршување на санкции информира дека вчера околу 15:30 часот, на шеталиштето каде слободното време за прошетка на отворено го користат осудените лица кои се со затворен третман, две осудени лица со иницијали Т. М. и О. А. физички ги нападнале осудениот Б. Ј. и друго осудено лице кое шетало со него, нанесувајќи удари во телото и главата, наведуваат од Министерството.

Оттаму посочуваат дека веднаш било интервенирано од страна на припадниците на затворската полиција кои го обезбедуваат шеталиштето, а осудените лица биле разделени. Двете осудени лица врз кои е извршен нападот, веднаш биле спроведени во затворската амбуланта за укажување на помош, а била повикана и екипа на Итна медицинска помош која препорачала да бидат прегледани и во Клиничкиот центар – Скопје по што биле спроведени.

– Во вечерните часови осудените лица дале писмена изјава за нивното видување на настанот. Против осудените лица кои го извршиле физичкиот напад се комплетира документацијата за спроведување постапка за дисциплинска одговорност. За овој настан, службени лица од Управата за извршување на санкциите ќе извршат и вонреден надзор на установата со цел да се утврди фактичката состојба. Во текот на денешниот ден осудениот Бојан Јовановски е спроведен и на дополнителен преглед во Клиниката за абдоменални болести, се вели во соопштението.

Како што претходно информираа за МИА од Ургентниот центар, Јовановски синоќа е донесен на преглед на ургентно со анамнестички податок за физички напад. Констатирани се видливи надворешни повреди, отоци и огреботини во пределот на глава, шака, рачен зглоб и надлактица. По направени иследувања, прегледан е од неврохирург, трауматолог и дигестивен хирург, по што е пуштен поради лекарска проценка дека нема потреба од хоспитализација.

Извори од МВР за МИА потврдија дека три лица вчера физички го нападнале Јовановски во кругот на затворот „Идризово“, каде тој ја издржува затворската казна. Оттаму посочуваат дека вчера во 20 часот во СВР Скопје – Полициската станица Гази Баба, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди бил донесен Б.Ј. (36) од Скопје.