Во рамки на обемната акција за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урнала нелегалната доградба на деловен објект на улица „Орце Николов“ бр. 139 во Дебар Маало.

Како што информираат од прес-службата на Општина Центар, конструкцијата со димензии 15 x 5,7 метри била изградена без одобрение за градење и го узурпирала заедничкиот простор предвиден за граѓаните.

-Јавните површини во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да се претвораат во приватни имоти поради самоволие на поединци. Секој бесправно изграден или незаконски поставен објект ќе биде санкциониран со соодветни решенија и постапки за негово отстранување, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Од општината информираат дека градежниот инспектор издал решение со кое на инвеститорот „Екотон Дизајн“ му било наложено да ја отстрани нелегалната доградба и бидејќи инвеститорот не постапил по решението и по неколкуте опомени, општинските служби ја отстраниле бесправно изградената конструкција.