Итeн повик за договор на Европскиот совет

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, упати јасен повик до европските лидери на претстојниот самит на Европскиот совет во Брисел да се постигне договор за долгорочен финансиски пакет за Украина. Во обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур, таа истакна дека поддршката за Украина е директно поврзана со безбедноста на Европа, пренесува Politico.

Две опции за финансирање и чувствителни прашања

Фон дер Лајен информираше дека на маса се две можни опции за финансирање – една што се базира на користење имот и друга што се темели на задолжување на Европската Унија. „Предложив две различни опции за претстојниот Европски совет. Ќе мора да одлучиме по кој пат ќе тргнеме“, изјави таа, нагласувајќи дека нема повеќе простор за одолговлекување.
Како едно од најчувствителните прашања го посочи и пристапот на Украина до замрзнатиот руски имот во Европа, при што Белгија, каде што се наоѓа најголемиот дел од средствата, изразува загриженост поради можни правни последици и идни обврски за обештетување.

Европа како носител на одговорноста за безбедноста

Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд и анализите на Европската комисија, на Украина за 2026 и 2027 година ќе ѝ бидат потребни околу 137 милијарди евра, од кои Европа треба да обезбеди две третини, односно околу 90 милијарди евра. Фон дер Лајен нагласи дека Европа мора целосно да ја преземе одговорноста за сопствената безбедност, оценувајќи дека поддршката на украинската одбрана е најважниот чин на европска одбрана.
Таа индиректно одговори и на критиките кои доаѓаат надвор од Европа, истакнувајќи дека „не смееме да дозволиме да нѐ дефинираат туѓи светогледи“, а говорот го заврши со предупредување дека „мирот од вчера исчезна“ и дека нема време за носталгија.